ул.„Моша Пијаде“ бр.49, 2330, Берово +389 75 485 441

Информација за заштита и самозаштита на граѓаните од пожари

Во природата не постојат казни и награди – постојат само последици!

ВОВЕД

Современите услови на живеење и работа како и се поактуелните климатски промени се причина за секојдневните закани од природни непогоди и други несреќи кои ја нарушуваат рамнотежата во природата и го загрозуваат животот на граѓаните, нивните имоти и животната средина. Несреќите како што се пожарите се предизвици со кои треба постојано да планираме како да се заштитиме од нив. До пожари доаѓа изненадно, и често во серии, доста се непредвидливи, со оглед на местото, времето и локацијата. Пожарите имаат доста специфичности, со оглед на можноста на настанување и обемот на последиците по луѓето и животната средина, а доста често и покрај запирање на процесот, санирањето на последиците е отежнато и бара долгорочно планирање.

Поради тоа е неопходна навремена и ефикасна превентивна припрема и подготвеност за спроведување на мерките за заштита од пожари а тоа е и предуслов за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од опожареност. 

Национално Здружение на Сопственици на Приватни Шуми го реализира проектот Зборувај гласно делувај јасно, согласно договор во рамки на Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ од Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од
Европската Унија. 

Во таа насока, во рамки на проектните активности е предвидено да се изготви акт кој ќе треба да содржи значителни информации во однос на мерки и активности за превенција на пожари, институции кои имаат законска надлежност за решавање и справување со ситуациите, начин на кој Националното Здружение на сопственици на приватни шуми ќе биде вклучен во тие превентивни мерки и активности, а самиот акт треба да биде предложен како предлог информација и ќе треба да биде усвоен од страна на Советот на Општина Берово и Советот на Општина Пехчево. Овој документ содржи информации за интегриран пристап и систем за превенција од пожари со акцент за вклучување на сопствениците на приватните шуми во системот за противпожарна заштита. 

ОПШТ ДЕЛ ЗА ШУМИТЕ, КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И НЕСРЕЌИТЕ КАКО ШТО СЕ ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ

Стопанисувањето со шумите во РСМ е засновано врз комплексност, многуфункционалност и трајност во производството, водејќи сметка за здравиот однос кон шумите, еколошките принципи за зачувување на животната средина и нега и обновување на шумите. Согледувајќи ги многуте општокорисни функции на шумите, ние ги гледаме шумите како дел од националното богатство, па и еден вид наследство. Дури и во Уставот е наведено дека „сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебно значење“.

Шумите и шумското земјиште од страна на општеството најчесто се сфатени како ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски производи. Шумите имаат економска функција, но и многубројни други корисни функции како одмор и релаксација, рекреација на луѓето, многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата, благопријатно влијание врз климата и режимот на водите, производството на кислород и квалитетот на животната средина и така натаму. Особено големо значење има улогата на шумите во намалувањето на јаглеродниот диоксид како еден од гасовите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина. Економската, социјалната и еколошката функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на општеството и за подобрување на квалитетот на животот, одобено во руралните и во планинските подрачја.

Шумите зафаќаат скоро 1/3 од копното на планетата и по правило се наоѓаат на локалитети каде заради неповолна клима, неплодно земјиште, непристапни терени и конфигурација на земјиштето, не се погодни за земјоделско производство или друга намена. РСМ има апсолутна од 35% и релативна шумовитост од 0,47ха на жител, со површина од 571.000ха и обраснато земјиште 835.056ха. Природните услови во РСМ кои се условени од местоположбата, климата и релјефот, педолошко географската градба на теренот, хидролошко – хидрографските карактеристики и друго, овозможуваат опстанок и развој на голем број растителни и животински видови. Затоа нашата држава се вбројува во земјите со богат биодиверзитет. Од водостопански аспект треба да се нагласи дека квалитетните шуми (високостеблени и нискостеблени) се концентрирани во изворишните и средните делови на сливните подрачја. Тие шуми се гаранција за одржлив режим на водите, рационална заштита на земјиштето од процеси на ерозија и заштита од поплави. Во нашата земја е потребно шумарството да добие гранка со посебен државен статус, кое нешто би произлегло од местото, улогата и значењето на шумите како столб на природните екосистеми. Благодетите на шумите ги користат сите гранки во државата, но ниту една не вложува во развојот и унапредувањето на шумите, како што тоа е случај во речиси сите земји членки на ЕУ и други земји ширум светот. 

Шумите, без разлика на нивната намена, функции, сопственост и слично, од нивното подигање, постојано се изложени на различни штетни влијанија, кои го спречуваат нивниот развој, неповолно влијаат врз нивните приносни способности, ја намалуваат нивната вредност, производството на дрвна маса и ги намалуваат нивните бројни општокорисни функции. Сите негативни фактори кои штетно влијаат врз шумите се штети од човекот, штети од шумски пожари, штети од дивеч, штети од растителни болести и штетни инсекти и др., односно штети за шумите како природно и национално богатство. 

Close Menu