ул.„Моша Пијаде“ бр.49, 2330, Берово +389 75 485 441

Шумата и климата

Копното на планетата Земја е покриено со шуми кои се живеалишта со голема биолошка разновидност, со што патем се обезбедуваат разновидни добра кои се важни за преживувањето на луѓето и животната средина. Шумите се природни регулатори на климата, а воедно се многу распространети во нашата држава, односно во РСМ се простираат на една третина од територијата, или поточно околу 988 835 хектари.

Освен тоа што се еден од најважните природни ресурси во земјата, тие имаат еколошки, економски, па и социо – културни функции. Тие имаат клучна улога во одржување на јаглеродната рамнотежа, биолошката разновидност и најважното денес – ги ублажуваат климатските промени. Со оглед на тоа дека шумите се изложени на опасност, на нив треба да се посвети големо внимание, за да не се соочиме со пораз од уништувачките фактори. Бидејќи тие во начинот на функционирање и во својата структура се многу зависни од климата, воедно се и многу ранливи на самите климатски промени.

Климатските промени во голема мера влијаат врз растот, квалитетот и нивниот опстанок во природата, како на пример повисоките температури на воздухот, сушите кои се повеќе и повеќе присутни поради слабите врнежи. Шумите се под постојана закана од страна на опасните шумски пожари, како и од напливите на инсекти.

Многу е важно да се намалат влијанијата од климатските промени, а за тоа се потребни ефективни стратегии за подобрување на капацитетите за адаптација на шумите. Запирањето на уништувањето на шумите, засадување на нови садници на дрвца, како и подобрувањето на шумарските практики може многу да влијае на емисијата на стакленичките гасови, посебно на јагледорниот диоксид. Освен сопирањето на уништувањето на шумите кое ќе допринесе за избегнување на катастрофални последици од климатските промени, заштитата на шумите има најголем потенцијал за ублажување на климатските промени во однос на земјината површина.

Декларативно, на хартија креаторите на политики се залагаат за борба против климатските промени и за заштита на шумите, но во праксата тоа не се спроведува. Имено, не само што никогаш не се објавија прецизни и јасни показатели за успешноста на акциите за масовно пошумување, туку и микролокациски гледано донесувачите на одлуки не се залагаат за поинтензивно и систематско садење дрвја, а постоечките безмилосно се сечат заради бизнис – интереси. Во урбаните средини, наместо паркови со дрвја што ефикасно би се справиле со поројни дождови и со аерозагадување, односно кои би вршеле повеќе функции истовремено, најчесто се прави само маска со тревни површини, кои вршат само една функција, го апсорбираат вишокот вода.

Заклучокот е дека климатските промени не можеме да ги спречиме. До одреден степен можеме да се прилагодиме на нив, евентуално да ги ублажиме, меѓутоа и за тоа ни е потребно соодветна стратегија, а воедно и парични средства. Решенијата треба да бидат донесувани систематски, а пред се друго и посочени по приоритетни области. Потребно е спроведување на кампањи кои ќе ја зголемат свесноста за спроведувањето и постоењето на климатските промени. За да се овозможи побрзо и пошироко спроведување на решенијата, потребно е и пошироко залагање на сите вклучени страни, како владата, приватниот сектор и сите засегнати страни од граѓанскиот сектор.

Close Menu